Природни извори

Месото од живина не само што е вкусно, лесно за приготвување и погодно за различни комбинации на храна, туку тоа исто така е и природен извор на витамини, минерали, протеини и здрави масти.

Витамини

Месото од живина содржи витамини од групата B, кои спречуваат појава на многу болести и обезбедуваат правилно функционирање на човечкиот организам.

  • Витаминот B12, кој луѓето го добиваат само преку храна од животинско потекло, му помага на организмот да ги намали симптомите на анемија, го стимулира растот и апетитот кај децата и се грижи за нервниот систем.
  • Витаминот B3 е одговорен за здравиот изглед на кожата; тој ја олеснува мигрената и го намалува зголемениот крвен притисок. Тој е важен за добро функционирање на нервниот и дигестивниот систем и, исто така, помага да се подобри циркулацијата на крвта.
  • Витаминот B6 го стимулира функционирањето на имунолошкиот систем и го балансира функционирањето на хормоните.
  • Витаминот D помага за правилен раст и минерализација на коските и забите.

Минерали

Месото од живина содржи голем број минерали – неоргански супстанции кои телото не ги создава самостојно и затоа ние мораме да ги внесуваме преку балансирана исхрана.

  • Железото е важно за правилно снабдување на телото со кислород, за создавање на одредени ензими и помага во метаболизмот на витамините од групата B.
  • Фосфорот, калциумот и магнезиумот имаат слична функција во телото. Тие се вградени во структурата на коските и забите и се важни за правилно функционирање на срцето и бубрезите, како и за трансферот на нервните импулси.
  • Цинкот е чувар на нашиот имунолошки систем, го спречува процесот на стареење, ги одржува и ги подобрува менталните способности и функции, како што е превенцијата на кратковидост. Недостатокот на цинк може да предизвика неплодност, намалена сензорна перцепција и намален сексуален нагон.
  • Калиумот го одржува нормалниот крвен притисок и влијае врз развојот на фетусот за време на бременоста.

Протеини

Протеините се неопходни за обновата и растот на клетките во нашето тело. Експертите го препорачуваат месото од живина како здрав извор на протеини. На децата им се потребни многу протеини, како и на постарите и на физички поактивните луѓе. Недостатокот на протеини кај децата предизвикува побавен раст и физички развој, додека пак, кај постарите луѓе, телото започнува да ги користи сопствените извори на протеини, што предизвикува намалена физичка и ментална способност. Порција од 20 g месо од живина задоволува 2/3 од дневната потреба за протеини кај човекот.

Здрави масти

Мастите се суштински за нашето тело, не само за енергија, туку и затоа што тие растопуваат и со тоа активираат одредени витамини кои се неопходни за нашите очи, коски, кожа и мозок. Освен тоа, есенцијалните масни киселини дејствуваат и како антиоксиданси и им помагаат на црвените крвни клетки да го пренесуваат кислородот, помагаат за правилно функционирање на бубрезите, ги штитат мускулните влакна од распаѓање, имаат позитивно влијание врз брзината на метаболизмот...

Експертите препорачуваат да ги избегнуваме заситените масти и трансмастите. Од друга страна, нашата исхрана треба да содржи умерено количество незаситени масни киселини, кои се грижат за нашиот кардиоваскуларен систем. Тие, исто така, можат да се најдат во месото од живина, кое има идеален сооднос на протеини и масти и не содржи многу холестерол и штетни трансмасни киселини.